Навивач со „лизгачки старт“ го повреди Адријан, Ливерпул во голманска криза

Јирген Клоп се соочува со сериозен проблем на голманската позиција во пресрет на утрешниот дуел со Саутемптон, откако по Алисон Бекер на повреда се пожали и неговата резерва Адријан. Бразилецот Алисон нема да се врати до крајот на месецов, но Адријан се покажа како добра опција на Супер-Купот на Европа, бранејќи го клучниот пенал за освојување на трофејот.

Сепак, Клоп на денешната прес-конференција откри дека шпанскиот чувар на мрежата исто така е повреден, и тоа од страна на еден навивач кој влета со лизгачки старт на него по завршувањето на мечот во Истанбул.

„Би сакал да ви кажувам убави работи за Адријан во Истанбул, но доколку тој се уште беше здрав. За жал, не знам ни дали ќе може да игра утре бидејќи се случи чудна работа. Не можам да разберам, навивач скокнал на теренот, го бркало обезбедувањето, па се лизнал и го удрил нашиот голман директно во зглобот“ – загрижено изјави Клоп.

Веднаш се појави и видео снимено од трибините во Истанбул, на кое се гледа како навивачот „стартува“ врз групата фудбалери на Ливерпул додека тие го прославуваат големиот триумф.

 

Доколку и Шпанецот не биде подготвен за настап, Клоп ќе биде принуден на голот да го постави 35-годишниот Енди Лонерган, кој ланската сезона не се избори за место во тимот на Мидлсброу, па беше испратен на позајмица во Рокдејл.

Се вчитува...