Ливерпул се наоѓа во огромна резултатска криза, па големи се шансите дека „црвените“ воопшто нема да обезбедат учсство во ЛШ за наредната сезона. Тоа ќе се одрази и врз приходите и буџетот за засилувања, па токму затоа навивачите на Ливерпул почнаа акција на онлајн-собирање на пари за реализација на трансферот од соништата – Килијан Мбапе да пристигне на „Енфилд роуд“.
Французинот се уште не потпишува нов договор со ПСЖ и доколку не го стори тоа во наредните два месеци одличниот голгетер во текот на летово ќе си замине од „Паркот на принцовите“. ПСЖ ќе бара 200 милиони евра за големиот ас, самиот Мбапе ќе има високи апетити за плата, па навивачите на „црвените“ почнаа акција за собирање на неверојатни 250 милиони фунти, со што би му се помогнало на Ливерпул да го купи Килијан Мбапе.
Акцијата е почната преку страницата “Go Fund Me” од страна на двајца успешни бизнисмени и големи фанови на Ливерпул, Хари Гловер и Дени Демпси – Пар. Притоа, тиа ја наведоа и вкупната сума што се надеваат дека ќе ја соберат со проста математика… секој член на фан-базата на Ливерпул која брои над 100 милиони лица да издвои по 2,5 фунти за да биде донесено засилувањето од соништата на секој навивач на „црвените“.
Сепак, математиката и реалноста најчесто се сосема спротивни, па така во првите 24 часа биле собрани само 555 фунти, кои ги донирале вкупно 30 лица.
Доколку не биде собрана сумата за Мбапе, парите што ќе бидат донирани ќе бидат насочени на сметката на клупската фондација на Ливерпул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

