Тренерот на МЗТ Скопје, Анте Назор вели дека до трофејот стигнаа благодарение на противникот, кој ги натера да дадат се’ од себе и својот максимум. Хрватскиот стратег им честиташе на Карпош за целокупната серија, смета дека беа достојни противници на сите натпревари. Назор е среќен што Соколите и овој пат не успеаа да триумфираат во „Јане Сандански“.
„Кажав и претходно, двете екипи беа рамноправни, сите натпревари беа вистинска војна на терен. Ние губевме на нивни терен, но еднаш триумфиравме во „Борис Трајковси“ во регуларниот дел од сезоната, тие никогаш не не’ победиле во оваа сала, па се надевавме дека и овој пат нема да направат брејк и да слават тука. Но, Карпош ја обработи целата сезона фантастично, спортски им честитам од срце за сите успеси. Нивната игра не осцилираше, имаа динамика, а најопасни беа од шутот од дистанца. Не натераа да го дадеме својот максимум, во еден меч во кој имаше многу препреки за нас. Им честитам на моите играчи кога покажаа карактер кога беше најпотребно. Сакам да се заблагодарам на раководството, што ми ги овозможи сите услови за работа и ме поддржуваше во најтешките моменти. Овој клуб ми овозможи да дојдам до својот прв сениорски трофеј, во мојата осумгодишна кариера“ – истакна Назор.
Тој упати посебна благодарност до навивачите за прекрасната атмосфера во салата и дадената поддршка на неговите избраници, но и до управата за покажаното трпение.
„Им се заблагодарувам и на навивачите кои дојдоа во голем број на ова финале да навиваат за нас. Досега немавме ваква атмосфера, се надевам дека следната сезона ќе бидат во поголем број, бидејќи овој тим игра за нив. Се надевам дека и понатаму ќе бидам тренер, бидејќи со вакви успеси во овој спорт најважен е континуитетот, но на крајот се’ зависи од управата, на која уште еднаш сакам да им се заблагодарам, бидејќи имавме и доста лоши моменти, но тие ме поддржуваа до крајот“ – изјави тренерот на МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА