Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Анте Назор, беше максимално реален и со голема доза на самокритичност на прес-конференцијата по поразот на гостувањето кај ФМП, по кој македонскиот шампион и натаму остана во опасната зона за испаѓање од АБА-лигата.
„Нашиот приод од почетокот на средбата беше како да не веруваме дека може да победиме на оваа средба. Немавме одговор на нивната агресивна одбрана, а нашиот фокус не беше насочен на натпреварот за што најдобро говори бројката од 16 загубени топки во првото полувреме. Сега мора да се извадиме од психолошката криза по непријатниот пораз во домашниот куп и овој вечерашниот и последните три кола од АБА-лигата да ги одиграме како вистински спортисти. За моите играчи друг начин едноставно нема“ – изјави хрватскиот стратег.
Следниот понеделник сино-белите кошаркари ја пречекуваат Игокеа, потоа следува гостување кај Будуќност, па последниот дуел сезонава во регионалното натпреварување против Морнар на домашен терен. Една победа речиси би гарантирала опстанок, а се повеќе од тоа би значело и дополнително искачување на табелата во АБА-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА