Тренерот на МЗТ Скопје, Анте Назор, е свесен дека неговиот тим ќе мора да одигра најдобро што знае доколку сака да слави на вечното дерби со Работнички во салата „Градски парк“ (18 часот) и да ја одржи перфектната серија во кошаркарската Супер-лига. Хрватскиот стратег на клупата на МЗТ е свесен дека противникот има извонредни шутери во своите редови, па токму затоа неопходна ќе биде одбраната на „сино-белите“ да функционира беспрекорно.
„Ние мораме да бидеме подготвени на полна сала, да уживаме во таа атмосфера и да се обидеме да прикажеме што е можно подобра игра. Работнички има фантастична петорка, која ако им се допушти може да делува како вистински стрелачки вод, бидејќи сите се максимално опасни во ударите од далечина. Само со агресивна одбрана можеме да излеземе на крај со искусниот противник, а истовремено мора да најдеме начин да парираме на нивната игра пет на пет, која дефинитивно е заштитен знак за нашиот вечерашен ривал. Наша цел е тежиштето на играта да го префрлиме на целиот терен, да ги натераме да трчаат, односно да наметнеме брз ритам кој дефинитивно повеќе ни одговара на нас“, вели тренерот на аеродромци.
Душан Катниќ по подолго време ќе биде му биде на располагање на тренерот Назор, додека Стефан Синовец не е во комбинација за настап во „Градски парк“ бидејќи се уште ја нема санирано повредата на мускулот што го мачи подолго време.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА