Назор си замина од МЗТ, сега е фаворит за селектор на Хрватска

Елиминацијата во осминафиналето од Евробаскет 2017 ќе го чини отказ селектор на Хрватска, Александар Петровиќ, а на негово место медиумите најавуваат добро познато име за македонски услови. Анте Назор ја заврши ланската сезона како кормилар на МЗТ Скопје, освојувајќи ја титулата во македонското првенство, по што по истекот на договорот си замина од функцијата шеф на стручниот штаб на „штрковите“.

Хрватите настојуваат да свртат нов лист и да именуваат селектор кој има работено со оваа генерација на кошаркари низ младинските категории, што го прави Назор најсериозен кандидат. Тој најпрвин беше помошник во стручните штабови на младинската селекција, за од 2011 година да стане селектор и да освои златен медал на У16 Европското Првенство, за следната година со У17 селекцијата да стигне до бронзата на светскиот шампионат. Во 2013 година тој со У18 селекцијата беше второпласиран на ЕП, а следната година повторно со У18 националниот тим го освои бронзениот медал, за во 2015 година да заврши со селекторски ангажман во младинските категории освојувајќи ја втората позиција на мундијалот за кошаркари до 19 години.

„Немам намера да се наметнувам преку медиумите на ваков начин, можам да кажам само дека одработив два олимписки циклуси со младите селекции, цели осум години. Знам со каков талент располага Хрватска во моментов, ако ме викнат, ќе разговараме“ – изјави Назор за „Спортске новости“.

Се вчитува...