Раководството на Филаделфија не изненани многумина со одлуката на овогодинешниот драфт во НБА-лигата за прв пик да го избере Маркел Фулц. Станува збор за суперталентиран плејмејкер кој доаѓа од Универзитетот Вашингтон, а кој минатата сезона имаше импресивен просек од 23 поени, 5,7 скокови и 5,9 асистенции по натпревар.
Американските аналитичари Фулц го опишуваат како „посебно добар во одбраната и со фантастични офанзивни квалитети, со што тој би можел да ја направи Филаделфија една од најатрактивните екипи во лигата“.
Лос Анџелес лејкерс бираше втор и го доведе Лонзо Бол, 19-годишен плејмејкер од УЦЛА Универзитетот кого американските новинари го споредуваат со Џејон Кид. Трет избор на драфтот беше Џејсон Татум, крилниот кошаркар кој се сели во Бостон, како четврти Феникс го избра Џош Џексон, а петти пик на овогодинешниот драфт беше ДеАрон Фокс, фантастичниот плејмејкер на Кентаки, кој својата НБА авантура ќе ја почне како играч на Сакраменто кингс.
Одличната работа на Мега лекс се потврди и на овој драфт, па тројца кошаркари на овој српски клуб беа избрани на драфтот, Денвер го „пикираше“ Влатко Чанчар на 49. позиција, Њујорк го избра Огњен Јарамаз како 58. пик, додека Атланта го избра Алфа Каба како 60. пик.
Филаделфија во втората рунда од драфтот, како 36. пик, го избра Џон Болден, австралискиот кошаркар кој играше извонредно во АБА-лигата во дресот на ФМП, па иако пред петнаесетина дена потпиша договор со Црвена Звезда, Болден сепак се сели преку Атлантикот и веднаш ќе заигра во НБА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА