Ол-стар турнирот во НБА ќе се одржи во Чејс центарот во Сан Франциско во недела на 16 февруари следната година како дел од Ол-стар викендот кој ќе започне два дена порано, во петок. Со одлука на раководството на лигата за прв пат ќе се игра новиот формат на натпреварувањето. Тоа ќе биде мини-турнир на кој ќе учествуваат четири екипи и ќе се одиграат вкупно три натпревари – две полуфиналиња и финале.
Натпреварите ќе бидат скратени, а победува екипата која прва ќе достигне 40 поени. Секој тим ќе има по осум играчи. Играчите во трите тима ќе ги избираат НБА легендите, како и стручните ко-коментатори на телевизијата ТНТ: Чарлс Баркли, Шекил О’Нил и Кени Смит. Четвртиот тим ќе биде победник од натпреварот „Ѕвездите во подем“, во кој учествуваат играчи кои се во лигата прва и втора година. Овој тим ќе го предводи Кендис Паркер, една од најдобрите кошаркари на сите времиња во ВНБА лигата.
Гласањето за кошаркарите на Ол-стар останува исто како и досега. Навивачите, актуелните НБА играчи и новинарите избираат по пет играчи од секоја конференција за првиот состав. Останатите 14, или седум од секоја конференција, ги избираат главните тренери на НБА. Гласањето започнува во четврток.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА