„Не беше тешко да се убеди Хамилтон да дојде во Ферари“

Директорот на Ферари, Фредерик Васер изјави дека воопшто не било тешко да се убеди британскиот возач Луис Хамилтон да се пресели во италијанскиот тим во Формула 1 шампионатот, пренесува денеска „Скај Спортс“.

Хамилтон (39) беше член на Мерцедес 12 години, а од следната сезона ќе вози за Ферари. Британскиот возач освои шест од седум шампионски титули со Мерцедес. Пред Мерцедес возеше за Мекларен. Британските медиуми потсетуваат дека веста за преселбата на Хамилтон во Ферари беше објавена во февруари.

 – Во 2023 победивме повеќе трки од Мерцедес, добар беше и стартот на сезоната, па не беше толку тешко да го убедиме дека Ферари ќе биде добар проект. Мислам дека најмалку на 22 или 23 години го имаше на ум проектот да вози за Ферари, бидејќи за тоа разговаравме уште во 2004 година – рече Васер на традиционалниот божиќен ручек со новинарите во Маранело.

Се вчитува...