Кошаркарите на Фенербахче неочекувано ја почнаа одбраната на евролигашката титула со пораз, губејќи со 68-67 на гостувањето во Малага против Уникаха. Тимот на Жељко Обрадовиќ има за што да жали бидејќи во поголемиот дел од мечот имаше предност, во третиот период изразена и со двоцифрена разлика. Сепак, Уникаха ја отвори последната четвртина со серија од 10-0, па потоа во драматичен финиш стигна до победата. Се чинеше дека Шпанците ќе слават рутински откако на две минути до крајот поведоа со 68-60, но Фенер собра сили за серија од седум поени во финишот. Актуелниот европски првак имаше и напад за победа, но обидот на Слукас не беше прецизен, па бодовите останаа во Малага.
Дури десет кошаркари на Униикаха се запишаа меѓу стрелците во вечерашниот триумф, како доказ на колективната победа во која најефикасен беше Шермадини со 12 поени. Кај Фенербахче најдобри стрелци во поразот беа Слукас со 15 и Датоме со 13 поени.
Макаби најави подобри денови по неколкуте кризни сезони, откако израелскиот гигант славеше во Германија над Бамберг со убедливи 71-88. Мора да се истакне дека германскиот тим водеше три четвртини, за потоа Макаби да „експлодира“, добивајќи ги последните десет минути со преубедливи 12-33, за голема победа на стартот од новата сезона. Во главна улога беше ланскиот плејмејкер на Цедевита, Пјер Џексон, кој маестрално го одигра овој меч реализирајќи 27 поени, 9 асистенции и 7 скокови.
Олимпијакос и без помошта на Спанулис триумфираше над Басконија (75-64), меч на кој Принтезис го предводеше грчкиот гигант со 17 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА