Не е лесно да си тренер, прашајте го Креспо

Тоа што си бил врвен фудбалер само по себе не значи дека можеш да бидеш и добар тренер. Примери има безброј, а последен во низата е оној на Хернан Креспо, прославениот аргентински голгетер кој своевремено беше кошмар за противничките дефанзивци, но сега воопшто не се снаоѓа во тренерскиот занает.

Аргентинскиот прволигаш Банфилд денеска реши да му врачи отказ на Креспо по серијата слаби резултати на екипата под водство на поранешниот голгетер. Во првите пет кола Банфилд освои само четири бода, разочарувачки скор што придонесе да дојде до тренерска смена. Креспо пристигна на чело на овој клуб пред осум месеци, го водеше Банфилд на 14 средби и забележа само две победи (пет реми и седум порази), не успевајќи да прикаже ниту дел од „фудбалската магија“ што ја поседуваше како играч.

Банфилд моментно се наоѓа на 19. место во аргентинскиот шампионат, пласман од кој управата со право е незадоволна, па тренерската смена беше неизбежна.

Се вчитува...