Не е проблем поразот, туку катастрофалната одбрана – ракометарите загубија од Хрватска

Македонската ракометна репрезентација претрпе пораз од 40-34 на дуелот со Хрватска, првиот од двата меча што нашите ракометари ќе ги играат како дел од „Кроација купот“ во завршната фаза од подготовките за СП 2023. Поразот од реномираниот ривал не е трагедија, особено ако бевме сериозно ослабени со неиграњето на првиот голман Митревски и главниот играч во бековската линија, Филип Талески. Сепак, играта дефинитивно остави низа прашалници, особено во одбранбената зона, каде 60 минути се мачевме да составиме компактна целина, противниците лесно стигнуваа до позиција за гол и ја наполнија мрежата на Томовски и на Кизиќ.

Георгиевски и Пешевски погодија за две рани водства на Македонија во Пореч, но „коцкестите“ набрзо ја презедоа контролата над резултатот, па по неколкуте грешки на нашите ракометари домаќините експресно поведоа со 5-2. Манасков при овој резултат не реализираше пенал, но истиот ракометар нецела минута подоцна погоди од контранапад за 5-3. Нашата одбрана делуваше многу слабо во првото полувреме, а Хрватите го користеа тоа, полнејќи ја нашата мрежа преку десното крило Паоло Краљевиќ, кој до 14. минута веќе имаше постигнато пет погодоци. Домаќините водеа со 9-5 и 10-6, но Македонија конечно успеа да се консолидира и со неколку умешни погодоци се врати во мечот.

Хрватскиот селектор Хорват беше незадоволен од одбраната на својата селекција и побара тајмаут по голот што го постигна Јагуриновски, за намалување на 12-11. Нашите ракометари продолжија да играат ефикасно во нападот, па по двата брзи погодоци на Манасков стигнаа и до израмнување од 15-15, но Хрватите подобро го финишираа полувремето и на одмор заминаа со водство од 22-19, по голот што Манасков го постигна по звукот на сирената по изнудениот пенал од Пешевски.

Второто полувремепочна со сериозни проблеми во нашиот напад, откако четири минути не постигнавме гол, а Хрватска го искористи тоа за конечно да поведе со пет гола предност (24-19). Манасков од контранапад ја прекина мини-серијата на домашните ракометари, но водството на „коцкстите“ во голем дел се движеше меѓу три и четири гола разлика. Лазаров побара тајмаут при 28-24, но советите не вродија со плод, па домаќините ја зголемија предноста на 31-25 на половина од второто полувреме. „Коцкестите“ на десет минути до крајот стигнаа и до „плус седум“ (34-27), но Македонија не „падна во амбис“, туку успеа да се врати во ритам, намалувајќи на 37-34 на три минути до крајот, принудувајќи го Хорват на нов тајмаут.

Домаќините заиграа подобро во одбрана во завршницата, на крајот славејќи со 40-34, а бројот од 40 примени погодоци е јасен знак дека нешто ќе мора да се менува во нашето дефанзивно издание.

Манасков со девет гола беше најефикасен, седум даде Кузмановски, четири Јагуриновски, а по погодоци постигнаа Пешевски и Младеновиќ.

Многу подобра игра од нашите ракометари, пред се во одбраната, се очекува на утрешниот натпревар против селекцијата на Израел, исто така со почеток во 20.15 часот.

Се вчитува...