Супер-драматичната сезона во Премиер-лигата заврши со нова титула на Манчестер Сити, по што продолжија и изборите на најдобрите од страна на најразлични здруженија и асоцијации. Институтот за фудбалска статистика „ИнСтат“ го објави идеалниот тим на сезоната, кој се базира врз детални анализи на натпреварите, па во предвид се земаат головите, асистенциите, но и креираните шанси, шутевите во рамките на противничкиот гол, како и уште неколку различни статистички податоци.
Дека бројките несекогаш знаат да ја дадат вистинската слика најдобар доказ е фактот дека во идеалниот тим се најде и Пол Погба. Французинот повеќе од половина сезона играше во очајна форма, се најде на удар на Жозе Мурињо и на навивачите, но сепак според „ИнСтат“ тој е дел од средниот ред на идеалниот тим на сезоната, заедно со Фернандињо од Манчестер Сити и со Еден Азар од Челси.
За најдобар голман е избран Љорис од Тотенхем, а изненадување има и во одбранбената линија, каде крај Ван Дајк, Робертсон и Вокер се наоѓа и Жоел Матип, иако Камерунецот целиот прв дел од сезоната ја грееше клупата на Ливерпул.
Во нападот се наоѓа тандемот на „црвените“, Салах – Мане, заедно со Рахим Стерлинг од Манчестер Сити.
МВП на сезоната според „ИнСтат“ е Еден Азар, кој собра вкупно 356 поени според различните бодувања, пет повеќе од Мохамед Салах.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА