Анадолу Ефес заигра како што му доликува на актуелниот првак на Европа, па турскиот гигант како гостин го декласираше составот на Милано на стартот од четвртфиналните пресметки од Евролигата (48-64). Италијанскиот вицепрвак важи за „експертски тим за одбрана“, но токму во овој сегмент на играта Месина доби лекција од Ергин Атаман. Одличната дефанзива беше пресудна за Ефес да триумфира на овој дуел и да поведе во оваа четвртфинална серија.
Играта на Милано функционираше само во првите десет минути, во кои Италијанците имаа предност од 16-11. Сепак, вториот период почна со серија од осум поени на Ефес, а како што одминуваше времето, така домаќините се потешко го наоѓаа патот до кошот. Милано постигна само десет поени во втората четвртина, осум во третиот период и 14 во последните десет минути, а самиот факт дека мечот го заврши со помалку од 50 постигнати поени доволно ја отсликува немоќта на избраниците на Месина во фазата на нападот на оваа средба.
Мициќ и Ларкин со по 16 поени беа најефикасни во редовите на Анадолу Ефес, додека Мели со 10 постигнати поени беше единствениот со двоцифрен ефект во таборот на Милано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА