Драган Стојковиќ – Пикси веднаш по мечот со Данска настојуваше дека непласманот во осмифиналето од ЕП 2024 не треба да се гледа како фијаско, но јавноста во Србија жестоко го нападна српскиот селектор, не само за резултатите, туку и за катастрофалната игра во големи делови од натпреварите на овој европски шампионат.
Последните информации од нашиот северен сосед говорат дека Стојковиќ не издржал ниту 24 часа по катастрофалното издание со Данска (ниту еден шут во рамките на голот на противникот на меч што Србија мораше да го добие), па веќе попладнево му бил врачен отказ од страна на раководството на федерацијата. „Курир“ прв ја објави веста за смената на Пикси, потоа ја пренесоа речиси сите српски медиуми најавувајќи дека во блиска иднина може да дојде до коренити промени и во Фудбалската Федерација на Србија, на чие чело моментно се наоѓа Драган Џајиќ.
Смената на Стојковиќ доаѓа откако голем дел од клучните фудбалери во српскиот национален тим на чело со капитенот Душан Тадиќ почнаа бунт против селекторот, најавувајќи дека немаат намера да продолжат да играат за националниот тим доколку Пикси остане на чело.
За добра утеха, Стојковиќ ќе добие отштета од еден милиони евра за предвремениот раскин на договорот, поради клаузулата во новиот договор што Пикси го потпиша со Српската Фудбалска Федерација само неколку дена пред почетокот на ЕВРО 2024.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА