Не може без малери: Симиќ отпадна од комбинација за Естонија

Македонската кошаркарска репрезентација попладнево тргнува на пат за Талин, каде в петок против Естонија ќе води битка за да остане во игра за пласман на Евробаскет 2025.

Стручниот штаб се соочува со сериозни проблеми поради недостигот на високи играчи во ростерот, а главоболките на селекторот Јончевски дополнително се зголемија откако од комбинација за настап против Естонците отпадна и Тео Симиќ. Центарот на Кожув се појави на првата прозивка и тренингот, се очекуваше тој да биде наш адут во борбата под обрачите, но Симиќ поради болест не беше во можност да го даде максимумот на последните тренинзи, па високиот кошаркар воопшто нема да патува со остатокот од националниот тим за Талин.

Ова ја остава Македонија само со Бојан Крстевски на центарската позиција, со Маслинко, Зеќири, Страхил Николов и со Стојан Ѓуроски кои можат да помогнат на позицијата „четири“.

За потсетување, Македонија мора да слави со најмалку пет поени во Талин за да ги задржи шансите за пласман на Евробаскет 2025. Ако успеат во тоа, нашите кошаркари потоа ќе треба во последното коло в понеделник на домашен терен да ја совладаат Полска, но и да очекуваат Литванија во својот последен дуел на домашен терен да триумфира над Естонија.

Се вчитува...