Кошаркарската репрезентација на Македонија в петок ја пречекува Шпанија во првиот натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство 2023 година. Генералниот секретар, Владимир Георгиевски и селекторот Драган Бајиќ говореа и за Лејсон Зекири кој не се појави на првиот собир на репрезентацијата.
Тие вели дека не можат да дојдат до контакт со Зекири и дека тоа што го знаат за сега е дека тој сака да игра за Косово, а доколку дојде барање од федерацијата на Косово, тие нема да го прифатат.
„Уште на првиот собир не се појави Зекири и не ни даде информација зошто. Според неофицијални информации дознавме дека сака да игра за Косово. Се потрудивме да стапиме во контакт со него, но сега за сега информацијата е таква. Нашиот став е дека ние немаме многу квалитетни кошаркари и доколку дојде барање од кошаркарската федерација на Косово нема да го одобриме. Секако, тоа нема да застане тука. Но, политиката на ФИБА е малку ограничена и малку ѝ се врзани рацете на федерацијата. Ќе се потрудиме тоа да не застане така и да биде пример и за другите“, изјави Владимир Георгиевски.
„Тој беше повикан и во претходните претквалификации и тогаш не се појави поради контакт со позитивен на корона вирусот“, дополни Бајиќ.
Натпреварот меѓу Македонија и Шпанија ќе се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА