Интер ја заокружи извонредната сезона во Калчо-лигата со освојување на шампионската титула, а за задоволството да биде комплетно, „нероаѕурите“ шампионската прослава ја имаат со триумф на градското дерби против Милан.
Токму Милан номинално важеше за домаќин на ова дерби, но Интер целосно го надигра градскиот ривал славејќи со 1-2, пред лутите ривали прославувајќи го јубилејното 20. скудето во клупската историја, осигурано на пет рунди до крајот на сезоната.
Ачерби одлично се снајде по еден корнер и погоди со глава за 0-1, а на почетокот од второто полувреме маестрален погодок постигна Маркус Турам. Милан тргна во целосна офанзива, намали преку Томори на 1-2, но тоа беше се што „росонерите“ успеаја да сторат.
Интер имаше доволно искуство за рутински да го приведе мечот до крај, а бесните „росонери“ го завршија мечот со девет фудбалери по исклучувањата на Тео Хернандез и на Калабрија (поцрвене и Дамфрис, поради конфликтот со Хернандез во судиското продолжение).
Апсолутно заслужено славје на „нероаѕурите“, кои играат убедливо најубав фудбал во Италија оваа сезона и му ја донесоа првата тренерска титула во кариерата на Симоне Инзаги.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА