Раководството на ТФТ е најактивно кога станува збор за формирање на ростерот за новата натпреварувачка сезона. Актуелниот вицешампион на Македонија паралелно со ангажманот на нови странски засилувања успева да ги задржи и домашните играчи од моментниот состав, па така по Тома Стојановски, денеска нов договор со ТФТ потпиша и Виктор Ташовски.
Плејмејкерот си замина од Тафталиџе пред една година и потпиша за Пелистер, но набрзо ја увиде грешката, па шест месеци подоцна раскина предвреме со битолчани за да се врати назад во ТФТ. Ташовски даде значаен придонес на патот до финалето од плејофот сезонава, по што двете страни најдоа заеднички јазик за продолжување на соработката.
Новиот договор е со важност од две години, со што тренерот Смилковски решава уште еден важен дел од мозаикот за играчкиот кадар за претстојните предизвици на ТФТ, како на домашната сцена, така и во АБА2 лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

