Не помина долго време од стартот на новата сезона, по само четири одиграни кола најверните вардарови навувачи „Комитите“ го искажуваат своето незадоволство од начинот на кој изгледа Вардар на фудбалскиот терен.
Вардар, и покрај силните најави од новите негови раководители дека експресно ќе се врати во Првата лига следната сезона, по четири одиграни натпревари во второлигашката конкуренција има само четири бода со скромни изданија на терен и среќен пласман во осминафиналето од Купот на Македонија.
Сето тоа не останува незабележано од „Комитите“ кои посакуваат и бараат од сите структури во клубот па се до фудбалерите однос кон црвено-црниот дрес онака како што заслужува најтрофејниот македонски клуб.
„Без никаков притисок, на добар терен, со добар пречек, без желба, без мудрост, без стратегија, и што е најважно без м.да! Беда, очај, мизерија! По овој натпревар првото место делува научна фантастика, а според играта, веројатно успех ќе биде евентуалното освојување на второто место! Ова е неприфатливо! Одговорност мора да има!“ – се огласија револтирано „Комитите“ по денешниот пораз на Вардар од Велешта (2-1) за кој тим ова, пак, беше прва победа сезонава.
За добрите познавачи на фудбалските прилики, пак, актуелните резултати на Вардар воопшто и не се изненадувачки ако се знае и начинот на нетранспарентна трансформација на клубот, спортските структури кои треба да го понесат на патот кон спасот како и конструкцијата на играчкиот кадар во битката за првото место во Втората лига против сериозни второлигашки клубови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА