Новак Ѓоковиќ не блескаше во изминатата година, но Србинот барем си ја исполни најголемата желба – се искачи на олимпискиот трон со златото во Париз.
Многумина предвидуваат дека тоа беше последниот голем трофеј во кариерата на Ѓоковиќ, но Србинот има поинакви планови. Тој неодамна го ангажираше Енди Мареј за нов тренер, работи напорно и очекува да се врати во топ-форма за почетокот на 2025 година. А во новата календарска година, Новак ќе се обиде да урне уште пет рекорди во светскиот тенис.
Првиот е – стигнување до магичната бројка од 100 трофеи во кариерата. Новак моментно ги има 99 и прашање на време е кога ќе го прослави големиот јубилеј. Прва шанса ќе има веќе на стартот од јануари, на турнирот во Бризбејн што ќе му послужи како загревање за Австралија Опен.
Новак Ѓоковиќ со триумф на гранслем турнир во 2025 би стигнал до 25 пехари на најсилните тениски натпреварувања. Тој моментно е лидер на листата најтрофејни во машка конкуренција, но е израмнет со Маргарет Корт, која има 24 гранслем пехари меѓу жените.
Тој исто така би можел да стане прв тенисер со трикратен Златен мастерс, Ѓоковиќ има најмалку по три мастерс-пехари од сите турнири освен од Монте Карло. Сега кога Надал замина во пензија, шансите за нов успех во малото кнежевство дополнително му се зголемуваат.
Дополнителен мотив ќе биде успех на Ролан Гарос, Ѓоковиќ веќе има три вакви пехари во Париз, но со успех во 2025 би станал прв тенисер во историјата со по најмалку четири гранслем трофеи на сите најсилни турнири.
За крај, Ѓоковиќ досега во кариерата има заработено над 185 милиони долари само од тениските турнири, а доколку годинава биде успешна како што се надева, ќе стане прв во историјата со заработка од над 200 милиони долари во „белиот спорт“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

