Италијанскиот првак Наполи се соочува со голема криза од почетокот на оваа сезона, промените во играчкиот и во тренерскиот кадар барем засега се покажаа како големи промашувања, а претседателот Де Лаурентис сега повлече уште еден неочекуван потег.
Нов член на „наполитанците“ од денеска е Хамид Жуниор Траоре, 23-годишниот крилен фудбалер кој пристигна од редовите на Борнмут. Тој доаѓа на шестмесечна позајмица, Наполи ќе има можност следното лето да го откупи неговиот договор за 25 милиони евра, но прашање е во каква форма се наоѓа овој фудбалер ако се земе во предвид неговата улога во тимот на Борнмут сезонава.
Имено, Траоре настапи на вкупно шест средби за својот клуб, на сите како резерва, собирајќ вкупно 181 минута игра. Во таборот на Наполи се надеваат дека овој играч ќе потсети од своите најдобри денови во кариерата, кога како член на Сасуоло важеше за голем талент во Калчо-лигата, постигнувајќи 18 гола и 13 асистенции за овој италијански прволигаш.
Доаѓањето на Траоре следи по најавите дека и Матео Политано ќе остане во клубот потпишувајќи нов договор со „наполитанците“. Претседателот Де Лаурентис исто така даде зелено светло за заминување на Заноли, кој до крајот на сезонава ќе биде позајмен во Салернитана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА