„Не спиев цела ноќ пред да потпишам за Јувентус“

Јувентус успеа да најде нов напаѓач пред самиот крај на преодниот рок откако „старата дама“ не успеа да го врати Коло Муани, но затоа во своите редови го ангажираше Луис Опенда.

Белгискиот напаѓач воопшто не беше споменуван до два дена пред крајот на преодниот рок, но управата на Јуве експресно се договори со Лајпциг за позајмица со клаузула за откуп, по што Опенда синоќа потпиша договор со најтрофејниот италијански клуб.

„Пресреќен сум. Штом се појави опцијата за преселба во Јувентус јасно ставив до знаење дека сакам да дојдам. Не спиев цела ноќ пред да потпишам за Јувентус, чекав разврска од разговорите меѓу клубовите, среќен сум што се се заврши како што треба“, изјави Опенда.

Белгиецот одигра 93 натпревари за Лајпциг притоа постигнувајќи 44 гола, воедно тој има и 27 настапи за репрезентацијата, постигнувајќи три погодоци.

Опенда ќе може да дебитира во дресот на Јувентус веднаш по репрезентативната пауза, на големото дерби со Интер закажано за 13 септември.

Се вчитува...