Ракометарите на Вардар подготвени го дочекуваат големото дерби во Супер-лигата, во кое в сабота со почеток во 17.45 часот ќе го пречекаат составот на Е. Пелистер.
Ривалството на овие две екипи во последните години е на највисоко ниво, а „црвено-црните“ се решени на домашен терен да стигнат до триумф и да се вратат во трката за врвот откако во првото коло загубија од Алкалоид. Тренерот Владо Недановски е свесен дека предизвикот ќе биде огромен, но стратегот на „вардарци“ е оптимист дека неговиот тим ќе успее да стигне до посакуваниот триумф.
„Мечот со Пелистер секогаш е интересен, се надевам на голем број наши навивачи. Играме со добро познат противник, се сретнавме во Струга, но првенствените средби се нешто сосема друго. Имаме неколку дена за да средиме уште неколку детали во играта и верувам дека максимално подготвени. Игравме еден меч со Алкалоид во Охрид, финале… токму на тој меч Вардар покажа две лица, во првото компактен и во напад и во одбрана, во второто се се урна и ги покажавме нашите слабости. По две недели во Автокоманда го покажавме баш тоа лице што не требаше со Алкалоид. Верувам дека тоа е минато, на многу средби се покажале дека имаме најдобра одбрана… работиме напорно на отстранување на грешките и верувам дека против Пелистер ќе го видите вистинското лице на Вардар“, изјави Недановски.
Притисокот врз стратегот на „вардарци“ е голем по тој пораз од Алкалоид, па тој е свесен дека нов неуспех дополнително ќе го затресе неговото столче.
„Размислувам позитивно и верувам во најдоброто… Ако се случи нешто лошо со Пелистер на резултатски план, јас ќе ја преземам одговорноста, ќе почнам да размислувам во тој правец. Сепак, во моментов сум фокусиран максимално позитивно со мислите бидејќи верувам дека можеме да победиме“, вели Недановски.
Тој се осврна и на својата работа од доаѓањето на клупата на „црвено-црните“, уште еднаш потенцирајќи дека цел на Вардар сезонава мора да биде шампионската титула.
„Би сакал да говорам за моите очекувања, од моментот кога јас ја презедов екипата како тренер па се досега… Од самиот почеток имавме проблеми, како со финансиите така и со суспензијата од европските натпреварувања. Кога дојдов во Вардар наследив екипа со седум-осум играчи и неколку младинци. Знаев што значи да си тренер на Вардар, клуб со армија на навивачи и преголеми очекувања без разлика со каков играчки кадар располагаме. Во првата година стигнавме до трофејот во Купот на Македонија, во втората градевме тим од млади екипи и пред почетокот на сезоната токму на ова место кажав дека по третото место од една година претходно, треба да одиме најмалку еден чекор напред. Тоа успеавме да го оствариме. Летово работевме квалитетни и донесовме вистински засилувања… Затоа, сега ќе повторам, се освен титула е неуспех за овој Вардар, тоа го кажувам овде за сите да го знаат. Знам дека е храбра изјава, но јас стојам зад тоа, бидејќи навистина имаме квалитетен тим, одлично сме покриени на секоја позиција. Верувам дека можеме до врвот без оглед на тој пораз во првото коло бидејќи титулите се освојуваат подоцна во плејофот, а не по неколку натпревари “, порача шефот на стручниот штаб на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА