„Недановски на местото на Дејвис, речиси сите ракометари остануваат во Вардар“

Михајло Михајловски се осврна на разговорите што ги водеше со ЕХФ околу можноста за покривање на долговите, што на крајот резултираше со исклучување на клубот од Лигата на Шампионите,

„Од самиот почеток имавме проблеми, јас потпишав дека ако „стариот Вардар“ како што јас го нарекувам, не ги плати обврските, јас ја прифаќам обврската да ја исплатам сумата, што ќе биде решено со арбитража или со судски процес. Следната година ни бараа депозит, се согласивме и на тоа и го исплативме она што се бараше од нас. Сега влеговме во нови разговори, ние ги покривме речиси сите долгувања од претходно,за да на крајот се прелие чашата со тоа што извадија некои нови долгувања од некои нови играчи. За мене тоа е „рекла казала“ бидејќи некој мора да докаже дека му се должат тие пари, не може ЕХФ автоматски да не казни без да ги согледа сите докази. Нас федерацијата уредно не пријави, ЕХФ ни даде документи и формулари што треба да ги пополниме, за само после десет дена да ни кажат дека донеле одлука да го исклучат клубот“, изјави првиот човек на Вардар.

Добра вест за „вардарци“ е што клубот се договорил со речиси сите ракометари за останување во клубот.

„После тоа што се случи, одржавме состанок со играчите кои во момнтов сево Македонија, ние продолжуваме да размислуваме за иднината на Вардар, воопшто не размислуваме за црно сценарио. Наша желба е да продолжиме да се натпреваруваме, да се бориме за трофеите. Сакам да изразам благодарност до ракометарите, на мое задоволство можам да објавам дека ќе остане целата екипа освен странците што беа најавени. Треба да разговарам само уште со Дибиров и со Томовски, кои ги чекам да се вратат од годишните одмори бидејќи тие разговори не сакам да ги водам по телефон“, истакна Михајловски.

Воедно, тој потврди дека Давид Дејвис речиси сигурно ќе си замине од клубот, а нов тренер ќе биде Владо Недановски.

„Ние имавме договор со Дејвис тој да остане на чело на екипата, но тоа беше додека требаше да бидеме дел од Лигата на Шампионите. Се видовме повторно во Келн, тој веќе ја знаеше одлуката на ЕХФ и јасно беше дека сака да си замине. Јас во главата веќе имам адекватна замена, тоа е Владо Недановски, млад стратег што знае како да го води Вардар, што соработуваше со сите тренери во изминатите години и поседува квалитет за да ја води екипата. Ако Дејвис во меѓувреме се премисли или не најде клуб, може да се јави да се договориме за да се врати назад во Вардар“, порача Михајло Михајловски.

Се вчитува...