Недановски: Ова не беше никаква одмазда, мотивот е одбрана на трофејот

Тренерот на Вардар, Владо Недановски очекувано задоволен од убедливата победа на својот тим од 31-22 против Алкалоид во полуфиналето од Купот на Македонија.

Вардарци на доминантен начин се пласираа и ќе играат финале со Еурофарм Пелистер, но Недановски потенцира дека неговите ракометари воопшто не биле мотивирани од било каква одмазда за поразот во првенството од Алкалоид, но затоа што сакаат да го одбранат трофејот во Купот.

„Без разлика што загубивме во лигата, ова е полуфинале и секако дека имавме мотив за надигрување. Немаше никаков мотив за одмазда, но Вардар е бранител на Купот и тоа е нашиот најголем мотив“ – истакна Недановски по мечот, и дополни:

„Јасно е дека против тим како Алкалоид со толку репрезентативци и селекторот Лазаров на клупата треба време за добро да се подготвиш. Одигравме на добро ниво. Клучно беше добрата подготовка за мечот и полуфиналето, како и желбата да имаме барем еден трофеј оваа сезона. Искрено јас посакував финале со Еурофарм Пелистер затоа што тоа е празник за ракометот. Мислам дека имаме квалитет да се носиме и ќе го искористиме утрешниот ден за анализа на финалето“.

Финалето меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер во СРЦ „Билјанини Извори“ се игра во недела на 13. мај.

Се вчитува...