Ракометарите на Вардар 1961 триумфираа против белградски Партизан со 31-26 запишувајќи ја првата победа сезонава во второто коло во СЕХА лигата.
Стратегот на „вардарци“, Владо Недановски на прес-конференцијата по мечот искажа задоволство од победата на својот тим но потенцираше и дека имало значителен број недостатоци во играта кои ќе мора да се корегираат за следните натпревари.
„Беше тоа интересен натпревар против екипа како Партизан составена од млади ракометари кои играат брз и атрактивен ракомет. Мора да се истакне дека се почувствува и кај дел од играчите дека се заморени од Светското првенство и може да искажаме само благодарност до нив што собраа сили да играат. Ни недостасуваа и двајца ракометари за ротација, па покажавме слабости и во нападот и во одбраната. Ова не е сликата за Вардар. Кога екипата ќе биде комплетирана тогаш ќе се обидеме да ја добиеме сликата за Вардар во втората полусезона. Од засилувањата очекувам да се зацврстиме во одбраната и нападот, а пред се и ротацијата. Со Марковски и Аларов добивме универзалци во одбраната, како и Дутра кој мора да се адаптира во новата средина. Потребно е трпение и работа, па сметам дека на следниот меч со Татран ќе има подобрување“ – истакна Недановски притоа дополнувајќи:
„Натпреварот го одлучија само индивидуалните квалитети и искуството а играта секако не беше на ниво. Имавме добри моменти, но и недозволиви падови. Но понесени и од најдобрите навивачи на светот дојдовме до триумф и се надевам дека победите ќе бидат во иднина во низа“.
Во следното 3. коло во СЕХА-лигата Вардар на домашен терен во Скопје на 10. февруари ја пречекува екипата на Татран Прешов од која загуби во првото коло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА