По двата триумфи на почетокот на плејофот, во третото коло Вардар во петок од 18.30 часот повторно дочекува градски ривал, екипата на Бутел. Сезонава во меѓусебните дуели „црвено-црните“ двапати победија, во „Јане Сандански“ со 30-21, а на гости со 26-23.
По двете одиграни кола Вардар е лидер на табелата со 9 бодови, а Бутел е последен со само 1 бод.
Повредите на претходните мечеви секогаш го кроеја составот на Вардар, па така ќе биде и сега. Во тимот има ситни повреди кај неколку ракометари, и во зависност од нивната здравствена состојба ќе се реши кој ќе настапи во петок.
„Секој меч е посебен, и меч за себе. Кога играат против Вардар сите се мотивирани. Затоа ние сме постојано подготвени за секој предизвик. Играме ден порано за да можеме да имаме потоа ден одмор, и плус уште два дена плус за подготовки за следниот меч од СЕХА лигата против Партизан. Бутел е сериозне тим, каде има и и млади и искусни ракометари. Знаат добро да играат и тоа го покажаа и во првиот дел од сезоната. Ние направивме анализа и секако сме подготвени, вели Владо Недановски.
Бекот на „вардарци“ Мартин Карапалевски размислува слично како неговиот тренер…
„ Ги гледавме нивните натпревари, и особено овој последниот со Еурофарм Пелистер 2 што Бутел го загуби. Играа одлично во првиот дел. Според мене големо засилување за Бутел е враќањето на Томче Стојановски особено во одбраната. Игравме со Бутел и во регуларниот дел од сезоната, знам како беше тогаш иако двапати победивме. За нас е особено важно играњето во домашното првенство, и затоа на секој меч влегуваме со мотив и желба за триумф. Имаме неколку нови ракометари во пролетниот дел, но со секој меч се повеќе тие влегуваат во системот. Веќе 3-4 натпревари сме заедно, и играме се подобро. Овој меч ќе биде генерална проба пред СЕХА – Газпром лигата со Партизан, но секако прво треба да одиграме добро со Бутел, па потоа да мислиме на следниот меч“, вели Карапалевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА