ЕКИПА во Раденци, Словенија
Горан Бошев
На средбата со медиумите за време на подготовките на „црвено-црните“ во Раденци, Словенија, извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски информираше дека најтрофејниот македонски клуб во новата сезона со вкупен буџет од 3,5 милиони евра ќе атакува на двојната круна во македонскиот шампионат.
„Најмалку 3,5 милиони евра е проектираниот буџет на Вардар годишно. Конструкцијата по ова прашање е веќе направена, и за следната сезона се планирани најмалку 3,5 милиони евра како буџет за функционирање, во кој се вкалкулирани сите тековни трошоци за функционирањето на клубот, како и за долговите пред се кон УЈП, со кои Вардар направи директна спогодба за исплаќање на рати“ – истакна Неделковски, притоа дополнувајќи дека амбициите се двојната круна.
„Амбициите се двојна круна и да ја минеме Ла Фиорита од Сан Марино во првото коло од Конференциската лига. Тешко се стигнува до двојна круна, затоа што во фудбалот многупати нијанси одлучуваат но ние ќе атакуваме на тоа. Со радост ја примивме веста дека двајца фудбалери од Западен Балкан може да играат како домашни, што сигурно олеснува во трансфер-политиката“.
Неделковски нагласува дека Вардар е предводен од најдобриот тренер Гоце Седлоски во кого раководството има целосна доверба.
„Го имаме најдобриот тренер, Гоце Седлоски е германски тренер и имаме одличен стручен штаб. Дисциплина во екипата, работа многу. Со таков притисок, интензитет и подготовки во Анталија почнаа резултатите. Соблекувалната му е доверена нему и само тој одлучува. И работата негова се гледа на терен“ – рече извршниот директор на Вардар.

Притоа, уште еднаш осврнувајќи се и на регулацијата на сите досегашни долгови на клубот.
„Со завршна сметка во декември се испостави дека долгот е поголем од пет милиони евра, а минатата година кога го презедовме првично не се чинеше така. На таа сума се надоврзаа долгови плус. Сега кога ја подзавршуваме оваа сезона и тие пет ќе надминат 7,5 милиони долгови, кои се влечат и од време на Сергеј Самсоненко и од време на Слободан, и од невладина организација. Купишта неплатени сметки. Ги решававме странците прво, Лемос не му платиле операција, авионски карти и слично. Во оваа година влеговме со добивка единствен клуб во Македонија. Дури и Шкендија е со загуба. Добивка 250.000 евра и тоа е првпат после долго време. Треба да враќаме уште две години долгови сигурно. Со 1 јуни 2025 не должиме никому, ни хотели во Охрид ни во Битола итн. Ниту на превоз. Не само што го одглавивме клубот, туку пријавивме добивка. Така добивме и лиценца. Во меѓувреме сме еден пример на светот каде зимоска бевме претпоследни но никој не сакаше да си оди. Секој сериозен клуб, голем дел од бизнисот го прави преку млади категории, тоа Вардар го нема со години. Тие што биле малку добри малку надежни биле дадени некаде. Тој сегмент го немаме решено. Во Хиподром не фунцкионираше ништо, ги поправивме сите работи“ – рече Неделковски осврнувајќи се и на посетата на Андон Дончевски за хуманитарниот натпревар со Црвена Звезда и финалето од Купот на Македонија.
„Имам голема почит кон Дончевски, па го поканивме за Купот. Му извадивме карта, ми кажа дека сака, поради годините, да патува со бизнис класа. Му кажав дека не можеме во тој момент, па ми порача дека разликата за бизнис класа сам ќе ја плати. Човекот си ја плати бизнис картата за да дојде да гледа финале на Куп на Македонија и да даде поддршка на Вардар“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

