Нема дилеми, овој тим на Работнички е „печен“ за титула и се освен шампионски трофеј ќе биде сметано за неуспех. Затоа што „црвено-белите“ од „Градски парк“ поставија високи стандарди со извонредните настапи во досегашниот дел од сезоната.
Да се заврши регуларниот дел од сезоната со 22 победи и ниту еден пораз е резултат за максимална почит. Лигата со проширувањето го зголеми и бројот на лесни победи за фаворитите, но Работнички одговори и на најголемите предизвици, по два пати совладувајќи го МЗТ Скопје и Блокотехна, триумфирајќи и на жешките терени во Гостивар и Куманово, додека против послабите ривали избраниците на Докузовски рутински си ја вршеа работата.
Тимот е одлично покриен на сите позиции, а за Супер-лигата и плејофот ќе биде дополнително засилен со Димитар Караџовски, еден од најдобрите плејмејкери во лигата, воедно и играч што уште повеќе го зголемува бројот на македонски играчи во таборот на „центарци“. Тој одлично ќе се надополнува со ветеранот Мираковски, кој се уште игра на највисоко ниво. Тука е и Робинсон, но главната сила на Работнички е во енергијата што ја пренесуваат Гинјард и Костов, двајцата странци што се полн погодок на тренерот Докузовски. Во битката под обрачите главен е големиот борец Чековски, кој крај себе ќе ги има Крстевски и Николовски, гаранција за надмоќ во однос на останатите екипи од лигата.
МЗТ Скопје сигурно нема така лесно да се откаже од тронот, но „металците“ премногу експериментираа и „реновираа“ во тимот цела сезона, додека Работнички ја задржа и надградуваше „базата“, најпрвин со Кире Николовски, сега и со Димитар Караџовски.
Секако, нема да биде лесно, во Супер-лигата ќе нема веќе „тренинг натпревари“ како во досегашниот дел од сезоната, ќе се засили и темпото на распоред на одигрување на средбите, но Докузовски има доволно „оружја“ за да одговори на предизвиците. Повредата на Гинјард скапо го чинеше во финалето од Купот на Македонија, но на „докторот“ му е јасно дека кога ќе се одигра перфектно од октомври до март – очекувањата за мај се титула и ништо помалку.
Тоа сигурно само по себе носи и притисок, но „центарци“ поседуваат доволно искуство и на клупата и на теренот за да се вратат на тронот на мак-баскетот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА