Неискористените шанси го уништија сонот на Македонија за ЕП! (ФОТО+ВИДЕО)

ЕКИПА во Прага, Чешка
Горан Бошев

ФОТО: Роберт Спасовски

Македонската репрезентација го загуби клучниот натпревар во квалификациите за пласман на ЕП 2024. Во Прага на неутрален терен, Украина со 2-0 го доби дуелот со Македонија, и остана во игра за еворсобирот идната година. Македонските фудбалери има за што да жалат, особено во финишот на првиот и стартот на вториот дел кога промашија неверојатни шанси да дојда до израмнување, можеби и до пресврт за сонот за пласман на ЕП и понатаму да биде присутен. Вака згаснаа сите надежи, а вториот патник од групата „Ц“ сега ќе се решава меѓу Италија и Украина. Свои шанси имаше и Украина, и искористи една кога Македонија беше напред, па и голманот Димитриевски, и така стигна до конечна победа.

Македонија почна во мечот повлечено, му дозволи на украинскиот национален тим да ја има повеќе топката, и преку крилата да го загрози Димитриевски. Голманот на Македонија ги одбрани ударите на Довбук и на Мудрик од страничните позиции.

Се играше 22. минута кога Македонија првпат се закани по голот на Трубин. Барди му „сервира“ супер додавање на Миовски, кој од левата страна со лева нога шутираше млако, и голманот на Украинците одбрани.

Единствениот гол во првиот дел беше постигнат во 30. минута. Елези со лош прием му дозволи на Судаков да има шут од 25 метри, а топката среќно за Украинците се одби од Серафимов и заврши во голот.

Финишот на првиот дел е период во кој Македонија треба да жали за пропуштената можност да замине на полувреме со позитивен резултат. Најпрво шанса на Миовски, па на Ашковски, па потоа и Барди, Елмас… но или Трубин бранеше, или топките одиеа крај голот или во блокот, па така Украина среќно замина со предност на паузата.

На стартот н вториот дел Милевски повлече два потези, и Македонија требаше да изгледа многу офанзивно. Ги извади од игра Манев и Ашковски, за да влезат Димоски и Чурлинов, со што се смени и формацијата на Македонија во 4-3-3.

И офанзивно тргна Македонија, со цел да го најде патот до голот на Трубин. Продолжи добрата игра која ја красеше селекцијата и во финишот на првиот дел. Офанзивно, со повеќе посед на топката на половината на противникот, но и Украина како да ја научи лекцијата, па се потешко дозволуваше да се стигне лесно до шанси по нејзиниот гол. Украина, пак, се бранеше и чекаше од противнапад да го загрози Димитриевски.

Украинците беа притиснати на нивната половина, тешко ја изнесуваа топката, Македонија растрчана, решена да даде гол, меѓутоа и среќата изостана во клучниот момент кога Чурлинов се најде сам пред голот на Трубин, и украинскиот голман успеа магично да ја сочува мрежата.

И кога Македонија нападна, јасно беше дека контрата ќе биде опасно оружје за Украинците, особено преку брзиот Мудрик, кој имаше „зицер“ во 59. минута, меѓутоа Димитриевски му го одбани. Само минута подоцна, Украина ја погоди и пречката преку Матвиленко, кој со глава се обиде по изведениот корнер од Мудрик.

Условно гостинот на овој меч продолжи да напаѓа и да го бара израмнувачкиот гол, меѓутоа Украинците се повлекоа и го бранеа водството, а потоа во 81. минута Димитриевски спасуваше и го остави во игра македонскиот национален тим. Прекрасна одбрана на нашиот голман по ударот на Судаков од 25. метри, а топката од раката, од пречката заврши во корнер. Уште имаше надеж дека Македонија може да дојде до бод(ови) на овој меч.

Во последните седум минути во игра влезе и Трајковски, претходно и Дориев, па во еден миг со четири напаѓачи македонската репрезентација се обиде да се спаси од најлошото. Тоа знаечеше и многу простор за Украина при евентуална загубена топка, и по една таква во 86. минута Јаремчук имаше „зицер“, но одново Димитриевски беше одличен на голот.

Некако на крајот Украина успеа да дојде и до 2-0. Каравајев го одбра вистинскиот момент да шутира кога Димитриевски беше далеку од голот, за да стави печат на победата. Нашиот национален тим ќе нема можност да сее пласира на уште едно ЕВРО. Токму дуелите со Украина беа клучни. И денеска се покажа дека на Македонија едноставно не и оди против Украина на официјалните мечеви.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП, 2024  – ГРУПА Ц

УКРАИНА – МАКЕДОНИЈА 2-0

(Судаков 33′, Каравајев 90’+5)

Standings provided by Sofascore

 

Се вчитува...