Неизбежни ротации во составот, балансирање на силите за набиениот јунски собир

ЕКИПА во Гибралтар,

Владимир Булатовиќ

Македонската репрезентација сосема јасно ја носи фаворитската улога пред пресметката со Гибралтар денеска од 18 часот на „Викторија стадион“ во Гибралтар во 2. коло од Групата 4 во Ц-Лигата на нации, во очекување на првата победа за нас во новата сезона. Но, тоа апсолутно не смее да значи потценување на противникот кој и тоа како знаел да биде повеќе од сериозна пречка за секоја селекција на домашен терен. Впрочем доволно за тоа зборува и фактот дека Гибралтар е во Ц-лигата од Лигата на нации, прескокнувајќи го најниското натпреварувачко ниво во Лигата Д.

Без потценување, со максимален респект и сериозен пристап натпреварот ќе го очекуваат, како што велат, и македонските репрезентативци. Оние кои играа тука пред четири години знаат дека противникот не смее да се потцени. Без потценување, без сериозни експерименти и калкулации ќе настапи и македонскиот селектор Благоја Милевски иако се очекуваат неколку измени во почетната постава во однос на натпреварот со Бугарија, со оглед на фактот дека ќе мора и да се балансира со силите поради набиениот јунски распоред од дури четири натпревари, за првпат во календарот на УЕФА на официјални натпревари.

Се очекува своја шанса за првпат во текот на мечот во одбраната на Македонија да добие Никола Серафимов, но и старт на Кире Ристевски заедно со Муслиу на централната бековска позиција, како и можност во дефанзивата од првата минута да биде и Тодор Тодоровски на десната бековска позиција, заедно со Алиоски по левата страна.

Во средниот ред повторно играта се очекува да се потпира на Енис Барди и Елиф Елмас, заедно со Бобан Николов и Спировски, а во нападот на крилните позиции можни се промени со шанса за која конкурираат и Валон Етеми, кој по пласманот со Истанбулспор во Суперлигата на Турција се приклучи на репрезентацијата во Гибралтар. Во секој случај на најистурената офанзивна позиција се очекува повторно да стартува Милан Ристовски заедно со Александар Трајковски, а одмор се чини ќе има за Дарко Чурлинов.

„Не е важно само кој ќе го почне натпреварот. Секако ќе има ротации, па многу е важно и кои ќе го завршат секој натпревар затоа што натпреварот се игра 90 минути и мора фокус и ритам во текот на целиот дуел“ – вели селекторот Благоја Милевски.

Се вчитува...