Нејмар ќе ја тужи Барса во ФИФА

Барселона се заканува со тужба до УЕФА и ФИФА за трансферот на Нејмар, но сега и бразилскиот голгетер сериозно размислува да го тужи својот поранешен клуб до трибуналот во светската куќа на фудбалот.

Темата е добро позната, клаузулата за лојалност во висина од 26 милиони евра што беше активирана на 1 август, а според која Барса треба да му исплати на Нејмар 26 милиони евра. Каталонците се бесни на Бразилецот и сметаат дека не треба да му ја исплатат целата сума во ситуација кога не останал лојален на клубот, па токму поради тоа сумата од 26 милиони евра е депонирана во адвокатска канцеларија, па преку судски процес ќе се решава колку пари треба да добие новиот член на ПСЖ.

Сепак, Нејмар не сака за случајот да решава државен суд, туку ФИФА, поради фактот дека договорот со Барселона му е заштитен од страна на светската куќа на фудбалот. Клаузулата според него е јасна, целата сума му следи со активирањето на клаузулата на 1 август, па сега тој сериозно ја разгледува опцијата за тужба.

Во меѓувреме, Нејмар веќе неколку дена тренира со новите соиграчи и се очекува дебито во дресот на ПСЖ да го има наредниот викенд, на гостувањето против Гингамп.

Се вчитува...