Нејмар: Навивам за Меси кога не сме противници, но во сабота ќе го заборавам нашето пријателство

Напаѓачот на репрезентацијата на Бразил, Нејмар, пред финалето на Копа Америка со Аргентина вели дека на терен го заборава пријателството со фудбалерите противници, а во сабота таков случај ќе биде со Лео Меси.

Финалето на Копа Америка е закажано за сабота кон недела, од 2.00 часот по средноевропско време.

„Меси е, како што секогаш велев, најдобриот играч што сум го видел, тој е мој голем пријател, но сега во финалето ќе бидеме ривали. Сакам да победам, тоа би бил мојот прв трофеј во Копа Америка. Знам дека и Меси веќе долго време ја бара првата титула со националниот тим. Секогаш кога ние (Бразил) не сме учесници на некој турнир, тогаш навивам за Лео“, изјави Нејмар.

Бразил е бранител на титулата во Копа Америка, но Нејмар тогаш не беше во тимот поради повреда, па напаѓачот на ПСЖ сега има уште поголема желба, со негов придонес Бразил да дојде до нова титула и тоа не против било која селекција, туку против најлутиот ривал, Аргентина.

„Кога Бразил е во игра го оставаме пријателството на страна. Тешко е да заборавите на тоа дека сте пријатели со некого, но дури и кога играте било каква игра со вашиот пријател, секогаш сакате да победите. Така ќе биде и во сабота“, заклучи Нејмар.

Се вчитува...