Погодокот што Нејмар го постигна во самата завршница од дуелот со Гранада беше јубилеен, стоти гол за бразилскиот ас во дресот на Барселона. Нејмар со тоа стана дел од елитното друштво во „Клубот 100“ на каталонскиот гигант, а интересно е што на Бразилецот за тоа му беа потребни помалку натпревари отколку на Лионел Меси. Имено, Нејмар стигна до бројката од 100 гола за Барса за 178 натпревари, дури десет средби помалку во однос на Меси.
Сепак, бразилскиот ас е предалеку од апсолутниот рекордер во оваа категорија, Кубала, кој првите 100 гола за Барса ги постигна за само 103 одиграни натпревари. Зад него се наоѓа Мартин Алонсо кој до „стотката“ стигна за 114 средби, а од актуелните играчи најдобар е Луис Суарез, кој овој јубилеј го заокружи за само 120 одиграни натпревари во дресот на каталонскиот гигант.
Зад уругвајскиот голгетер се наоѓаат Еваристо, Еулогио Мартинез, Ето, Стоичков, Цезар Родригез и Ривалдо, зад кого се Нејмар и Меси на десеттото и единаесеттото место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА