Нејмар потроши 1,3 милиони евра на „Бетмобил“, што не може ни да го вози

Нејмар се помалку се наоѓа во фокусот на јавноста со своите фудбалски изданија, се повеќе со начинот на кој ужива во приватниот живот, трошејќи го богатството што го создаде настапувајќи за Барселона, ПСЖ и за тимот на Ал Хилал.

Одличниот голгетер се пофали со последниот подарок што самиот си го купи, „Бетмобил Тамблер“, возило што во филмовите на Бетмен го возеше овој суперхерој. Информациите од Бразил говорат дека ова е еден од десетте автомобили што биле произведени за 85-годишнината на Бетмен, во моментот на производство чинеле три милиони долари, а Нејмар сега успеал да го купи за сума од 1,3 милиони евра.

Ова луксузно возило е полно со „гаџети“, па така може да испушта чадни бомби, од страните да излегува оружје (што не е вистинско), „по потреба“ испушта оган низ ауспухот, а на копче може да добие и крила. Поради сето ова, возењето на „Бетмобил Тамблер“ не е дозволено по улиците на Бразил, како и низ Европа, но ниту тоа не пречело бразилската суперѕвезда да издвои богатство за да го приклучи на својата богата колекција автомобили.

Нејмар неодамна купи нов модел на Audi R8 Spyder V10 Plus, а веќе има и Ferrari Purosangue, Bentley Continental GT, Aston Martin DBX, и Lamborghini Huracan во својата гаража, возен парк чија вкупна вредност надминува над пет милиони евра.

Се вчитува...