Пари сен Жермен прескапо ја плати победата над Олимпик Марсеј, откако Нејмар заработи повреда што по се изгледа не е нималку наивна. Иако тренерот Емери синока во првата изјава истакна дека повредата не делува сериозно, денешните информации носат поголема загриженост меѓу „светците“.
Нејмар на своите профили по социјалните мрежи објави фотографија од повредената нога, која не внесува преголем оптимизам во редовите на францускиот вицешампион.
За денеска се закажани нови лекарски прегледи, по што се очекуваат и повеќе детали околу должината на паузата на Бразилецот надвор од терените.
„Секако дека сме загрижени за Нејмар. Го видовме по натпреварот и можам да кажам дека зглобот му е многу отечен. Се надеваме дека тој наскоро ќе може да се врати“ – изјави голманот Алфонс Ареола.
Целта на лекарскиот тим на „светците“ е да го оспособи Нејмар за настап на реваншот од Лигата на шампионите против Реал Мадрид, што во моментов делува како невозможна мисија бидејќи тој натпревар ќе се игра за девет дена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА