Македонскиот капитен Горан Пандев вторпат во својата кариера во националниот дрес ќе биде во својата родна Струмица. За првпат на квалификациски натпревар вечерва од 20:45 часот против Албанија, по оној претходен пријателски натпревар против Канада кој на стадионот „Младост“ го одигравме во ноември 2009 година.
Без сомнение и Пандев и целокупната македонска јавност посакуваат повторување на тој 14. ноември од 2009 година кога славевме со 3-0 против Канаѓаните. А, најдобриот македонски фудбалер тогаш беше стрелец на два погодоци, и двата со удар од белата точка во второто полувреме… Првиот гол го постигна доскорешниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски.
„Најмалку ми е важно дали сега ќе постигнам гол, но единствено силно посакувам победа на денешниот натпревар. Многу би ми значела победа во Струмица, со која би ја израдувале целокупната македонска јавноста“ – вели Горан Пандев.
Па, нека биде како пред осум години во Струмица…
Интересно е дека ова лето Струмица беше и тоа како среќно за македонските тимови. На натпреварите од квалификациите за Лигата на шампионите односно Лигата на Европа играа Вардар и Шкендија, извојувајќи четири победи. „Вардарци“ против шведски Малме, а Шкендија против молдавска Дачија, фински Хелсинки и Тракаи од Литванија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА