ЕКИПА во Келн,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари денеска го завршуваат својот настап на СП 2019, со дуелот во „Ланксес арена“ во Келн во 13 часот против Чиле во битка за 15. место на овој ракометен Мундијал. Првите победи над Јапонија и Бахреин остануваат во заборав поради четирите порази во низа, но на „црвено-жолтите“ им е јасно дека Чиле е селекција што мора да се победи, за прекин на серијата неуспеси и за израмнување на пласманот од пред две години во Франција, кога Македонија исто така го заврши шампионатот како 15. селекција во светот.
Поразот од Русија покажа бројни слабости во играта „седум на шест“, па интересно ќе биде да се види дали Раул Гонзалес повторно ќе се реши за оваа тактика, или пак Македонија еден натпревар ќе одигра „шест на шест“. За очекување е повторно шанса во дел од натпреварот да добијат и дел од помладите ракометари, откако прикажаа сосема солидна игра на вчерашниот дуел со Русија.
Македонија и Чиле досега имаат одиграно два натпревари, двата завршиле со победи на нашата селекција, првата на СП 2013 во Севилја, триумф од 30-28, а втората на предолимписките квалификации во Гдањск со 30-27.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА