Светското Првенство во Франција е петти мундијалски настап за селекцијата на Македонија, за која ова е четврти пат да ја минува првата фаза на светските шампионати.
Првата пречка не ја минавме единствено на дебито во Египет, додека на следниот мундијал на кој учествувавме, во 1999 година во Хрватска, се пласиравме во втората фаза, но таму не се играше осминафинале, туку дојде до ново натпреварување по групи. „Црвено-жолтите“ ги загубија сите три натпревари во втората групна рунда, од Данска, Србија и од денешниот ривал Норвешка. Тој натпревар во Задар заврши 27-29, а најдобар поединец во редовите на Македонија беше Кире Лазаров со девет погодоци.
Македонија своето прво мундијалско осминафинале го играше во 2013 година на СП во Шпанија. Откако во групата во Севилја го освои четвртото место нашиот национален тим во осминафиналето во Барселона ги одмери силите со Германија. И покрај достојниот отпор, не успеавме да приредиме изненадување, губејќи го овој натпревар со 23-28, откако во првото полувреме дадовме само девет погодоци (9-13).
[youtube id=”x7KeD4gkx0k” width=”640″ height=”380″]
Следеше катарското осминафинале на последниот мундијал во Доха, во кое влеговме полни со оптимизам откако во групата победивме на четири од петте средби и го освоивме второто место. На патот до четвртфиналето ни застана Словенија, пречка што не успеавме да ја минеме. Промашивме бројни пенали, во финишот два зицери завршија во дирекот, голманите Ристовски и Ангелов имаа вкупно седум интервенции, а на крајот загубивме со само два гола разлика (28-30).
[youtube id=”rt8suOr-44M” width=”640″ height=”380″]
На СП во Франција се уверивме дека ова навистина е една „Нова Македонија“, па сега останува да видиме дали од „трета среќа“ ќе може да се оствари тој успех што би бил историски, нашата репрезентација да биде една од осумте најдобри во светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА