Е. Пелистер триумфираше на гостински терен против Алкалоид со резултат 23-29, загревајќи се на тој начин за саботното дерби во „Јане Сандански“ против Вардар кое ќе решава за шампионскиот трофеј во ракометниот плејоф. „Зелено-белите“ чуваа и дел од силите, денеска настапија без капитенот Кузмановски, но сепак успеаја да слават над „сино-белите“ од Автокоманда, кои не успеаја по третпат сезонава да го земат скалпот на актуелниот првак (по триумфите во Супер-купот и во првото суперлигашко дерби). „Пелистерци“ покажаа дека го надминале разочаарувачкото финале од Купот на Македонија од пред неколку дена, одиграа на високо ниво и заслужено стигнаа до победата во мечот што го одбележа и непотребна тензија создадена од одлуките на судиите Митревски и Тодоровски.
Дуелот почна со ефикасна игра на двете страни, а првата голманска интервенција ја забележавме во 7. минута, кога Митревски го запре обидот на Велковски при водство на Е. Пелистер од 3-4. По десет минути игра резултатот гласеше 5-5, Радивојевиќ промаши пенал, а при 6-6 двата тима влегоа во серија на грешки, по што повторно се играше „гол за гол“, па во 20. минута резултатот на семафорот гласеше 10-10. Кизиќ му одбрани пенал на Манасков, но потоа „пелистерци“ постигнаа два гола во низа и втор пат на мечот поведоа со плус два (11-13). Петковски беше играчот што го одржуваше Алкалоид во игра со три гола во низа, но „пелистерци“ знаеја како да го контролираат резултатот, го искористија и исклучувањето на Никола Маркоски во финишот од полувремето и на одмор заминаа со предност од 14-18 по голот што го постигна Хосни.
Во вториот дел разликата се движеше меѓу четири и пет гола, Алкалоид успеа да спушти на 18-21, резултат при кој Галевски фантастично запре зицер на Дејан Манасков. „Сино-белите“ пропуштија шанси за да ја намалат негативата, а страстите зовреа откако Кире Лазаров збесна на серијата одлуки на битолските судии против неговиот тим, за што Митревски му покажа и црвен картон на стратегот на Алкалоид. Алонсо побара тајмаут за „пелистерци“ при 19-21, Алкалоид стигна и до 20-21, но „зелено-белите“ се вратија со два гола во низа и со пеналот на Радивојевиќ поведоа со 20-23. Брестовац го бранеше речиси цело второ полувреме за Пелистер и собра неколку одлични интервенции, помагајќи неговиот тим да ја одржува сигурната предност, се до конечните 23-29.
Манасков со шест гола беше прв стрелец на Е. Пелистер, пет реализираше Борзаш, а четири Хосни, додека најефикасни кај Алкалоид беа Петковски со шест и Серафимов со пет погодоци.
По ваквиот исход, веќе е јасно, Алкалоид ја завршува сезоната на третото место, додека битката за шампионската титула ќе се води в сабота во „Јане Сандански“, каде Пелистер мора да слави над Вардар ако сака да го одбрани големиот трофеј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА















