Некогаш најлути ривали а сега не штеди зборови: „Одлично е што тенисот го има Новак, кој…“

Рафаел Надал, сопственик на 22 грендслем трофеи, пристигна во Мелбурн за да присуствува на финалето на Австралија Опен, па неизбежно пред медиумите се осврна на настаните од турнирот, истакнувајќи дека поради патувањето не бил во можност целосно да го гледа полуфиналниот дуел меѓу Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер.

„Првото полуфинале го гледав во авион, додека второто не стигнав до крај бидејќи тогаш слетав. Беше навистина посебен ден за сите љубители на тенисот, полн со емоции и незаборавни моменти. Пред нас е уште едно големо финале во Мелбурн“, рече Надал.

Шпанецот потоа евоцираше спомени од сопствените успеси на Австралија Опен, турнир каде што остави длабок белег, особено во годината кога ја освои титулата без конкуренцијата на Ѓоковиќ.

„Денес, моите чувства се значително различни од порано. Со години давав се од себе, а сега го доживувам тенисот повеќе од гледна точка на навивач. Публиката го чувствува тоа и ужива во него. Недостасуваат оние долги, исцрпувачки натпревари полни со пресврти, кога физичката издржливост игра огромна улога, а трибините се целосно ангажирани. Денешните натпревари во три сета поминуваат брзо“, истакна Надал.

Зборувајќи за претстојното финале, Рафа јасно стави до знаење дека со големо задоволство го очекува, не криејќи ја својата почит кон двајцата финалисти.

„Ќе биде вистинско тениско задоволство. Сакам да гледам врвна борба и квалитетен тенис. Имам посебна историја со Новак, со години се натпреварувавме на највисоко ниво и искрено му посакувам се најдобро. Сепак, Алкараз е мој сонародник, заедно го делевме олимпиското поле. Доколку Новак ја освои титулата, ќе бидам среќен за него, бидејќи она што го прави во Мелбурн останува во историјата“, рече Надал.

А, прашан дали може да му даде совет на младиот Алкараз пред толку голем натпревар, Надал остана приземјен.

„Тој го има својот тим, искусни луѓе околу себе и знае што прави. Алкараз е врвен професионалец и на секој играч му требаат различни работи во неговата кариера“, рече Рафа.

Неговиот коментар за долговечноста на Ѓоковиќ и фактот дека тој сè уште се натпреварува рамноправно со многу помлади ривали привлече посебно внимание.

„Воопшто не ме изненадува што тој е сè уште на ова ниво. Да немав проблеми со повредите, веројатно сè уште ќе играв. Ако сте здрави и мотивирани, нема причина зошто да не можете да бидете конкурентни. Новак е пример за посветеност, ментална сила и отпорност. Одлично е за тенисот што имаме некој како него, кој продолжува да ги поместува границите и да ги предизвикува помладите момци. Иако веќе не е на идеална возраст, тој е сè уште исклучително конкурентен и заслужува огромна почит“, заклучи Надал.

Се вчитува...