Поранешната ѕвезда на англискиот фудбал 28-годишниот Деле Али сака да се врати во националниот дрес на својата земја и тоа на Светското првенство 2026.
Иако е далеку од старата слава и квалитет со кој беше препознатлив во Тотенхем, фудбалерот од средниот ред на Евертон убеден е дека може да се врати на голема врата откако од неа излезе поради начинот на живот.
„Знам дека луѓето ќе речат дека не сум играл повеќе од една година, но ги знам моите квалитет. И мојата цел е СП 2026. Знам дека ќе успеам во тоа“ – вели самоубедено Али, кој последниот настап го имаше во дресот на Бешикташ во февруари 2023 година.
Моментално се опоравува од повреда на колкот, но и од многу други животно перипетии кои целосно го уништија како фудбалер.
„Тежок период е зад мене, но сега уживам во процесот на опоравување. Гледам светло на крајот на тунелот, мора да бидам трпелив, имав и долг период со повреди“ – дополнува Деле Али.
А, падот на кариерата на Али почна со Жозе Мурињо, кој јавно го прозва дека не знае да се контролира и дека е мрзелив по карактер. Сега Деле Али се кае за своето однесување во минатото но е решен дека не сака да ја заврши кариерата на само 28 години.
„Единствен виновник за се сум само јас. Требаше да бидам на ниво со кое никогаш не би го довел во прашање мојот статус во екипата. Никој не е виновен освен мене. Мурињо не е виновен што ме отстрани. Работата со него е незаборавно искуство“ – вели англискиот фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА