Зачекоривме во втората половина од фудбалската сезона во која некои ѕвезди потполно паднаа во заборав и ги преживуваат најтешките моменти во нивната кариера. Дел од нив седнаа на клупата за резерви, на останатите тоа исто така им се ’заканува’ со оглед дека не играат во потребната форма…
СЕРХИО АГУЕРО (МАНЧЕСТЕР СИТИ)
Во последните неколку натпревари за Манчестер сити, Агуеро е на клупата за резерви, а прв избор за стратегот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола, е новото засилување Габриел Хесус. Очигледно дека аргентинскиот репрезентативец не ужива веќе голема доверба кај кормиларот на тимот од „Етихад“. Минатата сезона беше еден од најдобрите напаѓачи во Премиер – лигата, додека пак оваа сезона запиша ’само’ 11 погодоци на 24 натпревари. За него, сепак, скромна бројка…
ИСКО (РЕАЛ МАДРИД)
Шпанскиот репрезентативец одигра 15 натпревари, но само на два меча беше на теренот во текот на сите 90 минути во дресот на „кралевите“. Воглавно, тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, го внесува во игра од клупата за резерви и се почести се шпекулациите за негово заминување од мадридскиот гигант.
ХАМЕС РОДРИГЕЗ (РЕАЛ МАДРИД)
Уште еден играч на Реал Мадрид кој не е задоволен со својот тимски статус кај Зидан. Запиша само девет натпревари, а, од нив, на пет меча влегуваше од клупата за резерви. Многу европски клубови се заинтересирани за негов ангажман, а се издвојуваат Баерн Минхен, Манчестер јунајтед и Интер. Тој претстојното лето речиси сигурно ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“.
АЛВАРО МОРАТА (РЕАЛ МАДРИД)
Речиси секој натпревар, Алваро Мората го започнува од клупата за резерви. Францускиот напаѓач Карим Бензема има предност во однос на Мората и неговото заминување во текот на летниот преоден рок е се поизвесно. Челси се споменува како најреална опција, а тој би можел идеална замена за Диего Коста, кој најверојатно ќе се пресели во Кина.
ЕНТОНИ МАРСИЈАЛ (МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД)
Во Манчестер јунајтед пристигна како новиот Тиери Анри, меѓутоа неговиот статус кај стратегот Жозе Мурињо не е според неговите желби и вкусови. Тој настапи на само 13 натпревари, а само во еден меч ги играше сите 90 минути. И за него е реално на лето да побара нова фудбалска средина, доколку ваквиот статус не се промени.
ХАВИЕР ПАСТОРЕ (ПСЖ)
Му се предвидуваше блескава иднина но, за аргентинскиот фудбалер нема место во тимот од Париз, под водство на стратегот Унаи Емери. Пасторе само петпати го носеше дресот на парижаните оваа сезона, а е дел од ПСЖ од 2011, кога дојде од редовите на Палермо за сума од 39.8 милиони евра. Аргентинецот многу често се повредува, па раководството веќе размислува како да се ослободи од неговиот скап договор.
РЕНАТО САНЧЕЗ (БАЕРН МИНЕХН)
Дојде како големо засилување од Бенфика, а имаше одлични партии и за репрезентацијата на Португалија на Европското првенство во Франција. Сепак, не треба да се заборави и дека тој има само 19 години. Неговите најдобри фудбалски партии допрва доаѓаат, но засега не може да му се забележи и на Карло Анчелоти, што почесто го остава Португалецот на клупата за резерви.
ВЕЈН РУНИ (МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД)
Најдобриот стрелец во историјата на Манчестер јунајтед, Вејн Руни, оваа сезона дефинитивно го загуби своето место во тимот од „Олд трафорд“. Тој најчесто влегува од клупата за резерви и не е задоволен од третманот во тимот на „ѓаволите“. Се споменуваше негово заминување оваа зима, а сигурно е дека клубовите од Кина ќе подготват нови, богати понуди за него и претстојното лето.
АНХЕЛ ДИ МАРИЈА (ПСЖ)
Уште еден од фудбалерите на францускиот првак Пари Сен Жермен кој поминува низ тежок период во кариерата. Неговиот статус се загрози со доаѓањето на Џулијан Дракслер. Ди Марија се пресели на клупата за резерви, а реалноста е дека оваа сезона игра во далеку послаба форма од минатата. Статистикара тоа само го потврдува. После неуспешната авантура во Манчестер јунајтед, играчот ја поминува речиси истата судбина и во тимот од Париз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА