Некој нов Манчестер Јунајтед: Тен Хаг го растури Клоп во дебито на клупата на „црвените ѓаволи“

Манчестер Јунајтед го декласираше Ливерпул со 4-0 на деби-мечот на Ерик тен Хаг на клупата на „црвените ѓаволи“, на стартот од подготовките за новата сезона, меч што се одигра во Тајланд.

Тен Хаг се реши за силни стартни единаесетмина, додека Клоп сите играчи ги подели во три екипи, кои играа по 30 минути. „Црвените ѓаволи“ беа подобар ривал на стартот и поведоа преку Санчо, кој ја искористи грешката на младиот дефанзивец Мабаја.

При резултат 1-0 Ливерпул во една акција два пати го погоди дирекот од голот на Де Хеа (по еднаш Карвалјо и Луис Дијаз), а Јунајтед го казни тоа со два брзи погодоци, првиот ремек-дело на Бразилецот Фред, а вториот кога Марсијал одлично втрча и го матираше Алисон Бекер.

Ливерпул најсилниот состав го извади во последните триесет минути, кога на теренот се појавија Ван Дајк, Александер Арнолс, Робертсон, Фабињо, Тијаго, Салах, Дарвин Нуњез… но и со ваква постава екипата на Клоп не успеа да постигне гол, примајќи и четврти погодок во својата мрежа по брзиот контранапад што го круниса Факундо Пелистри.

Се вчитува...