Некој нов Вардар: Супер-Томовски брани се, „црвено-црните“ водат „плус четири“ во Франција

Давид Дејвис е на прагот да има деби од соништата на клупата на Вардар откако „црвено-црните“ под водство на шпанскиот стратег го одиграа најдоброто полувреме во ЛШ сезонава, стигнувајќи до предност од 10-14 на гостувањето против лидерот на групата, француски Монпелје. Мартин Томовски брани одлично, но колективната игра е она што импресионира кај „вардарци“, во чиј табор добро се снаоѓа и Карапалевски, во ситуација кога Дејвис е „најтенок“ на среден бек поради неиграњето на Гаџа.

Мартин Томовски одлично го отвори натпреварот, овозможувајќи „вардарци“ да стигнат до рано водство од 0-1, 1-2, а нешто подоцна и до два гола предност (3-5). Монпелје успеа да се врати, преку Деска поведе и со 6-5, но тоа беше се  што домаќините успеаја да сторат на оваа средба.

Следеше далеку подобра игра во одбраната, што овозможи лесни голови на спротивната страна и водство од 7-10 преку Гоце Георгиевски. Тренерот Канаје побара тајмаут , но не успеа да го запре налетот, Томовски одбрани уште два удари, а Вардар стигна до најубедливи 7-11, резултат при кој Дибиров не реализираше зицер. Монпелје се приближи при 10-12, домаќините го погодија дирекот во обид да стигнат до „минус еден“, а Вардар го искористи тоа и со голот на Талески се врати на најубедливите „плус четири (10-14).

Дури десет различни ракометари се запишаа меѓу стрелците за Вардар во ова извонредно прво полувреме, а најефикасни беа Дибиров, Георгиевски и браќата Нијокас.

Се вчитува...