Македонската кошаркарска репрезентација стигна до првата победа на претквалификациите за Светското првенство 2023 откако славеше над Словачка со убедливи 47-69.
За разлика од првиот меч против Швајцарија, „црвено-жолтите“ денеска одиграа комплетен натпревар кој го круниса одличната одбрана на клучните играчи на Словачка. Во нашиот табор проработе и шутот за три поени па освен лошата трета четвртина, Македонија денеска имаше целодна контрола на мечот и заслужено стигна до триумф.
Агресивната одбрана на Македонија на отварањето на дуелот создаде проблеми во организацијата на играта на Словачка, а „црвено-жолтите“ на спротивната страна најдоа и пробив во рекетот со што ја превземаа иницијатива и поведоа со 2-8. Добрата одбрана на низок пост на нашите репрезентативци продолжи и до крајот на првата четвртина, а и покрај тоа што не стигнавме до лесни поени во транзиција, Трајковски влезе во ритам за три поени, а профункционира и „пик“ играта која резултираше со забивања на Вајли за предност од 10-22 по 10. минути игра.
Добриот моментум на избраниците на Бајиќ продолжи и на отварањето на вторите десет минути во кои нашиот кош остана енигма за Словаците, а нашиот течен напад донесе водство од 10-27. Шутот за три поени продолжи да ги служи нашите репрезентативци и во втората четвртина па стигнавме и до предност од +19 (15-34), но брзото исполнување на бонусот и лошиот напад при зоната на Словачка му овозможи на противникот да ја намали високата предност на само 11 поени (24-35) на полувремето.
Македонија не успеа да го пренесе добриот напаѓачки ритам и во второто полувреме. Нашите напади беа безидејни и се потпираа на индивидуални обиди во последните секунди, а тоа умешно го искористи Словачка која за разлика од првото полувреме најде начин да ја искористи предноста во висина во рекетот за експресно да ја намали нашата предност на само четири поени (42-46) по 30. минути игра.
‘Малиот одмор’ им годеше на нашите репрезентативци кои ги консолидираа своите редови на отварањето на одлучувачките десет минути. Добрата одбрана и контролата на скокот ги остави Словаците без постигнати поени цели седум минути. А, добар проток на топката во нападот донесе и добар ритам на ‘црвено-жолтите’ кој Мекиќ го круниса со осум поени во низа за предност од +14 (42-56). Нему му се приклучија и Крстевски, Трајковски и Николов со што предноста на Македонија се искачи на +24 (42-66), а и покрај доцното будење на Словача победата веќе беше осигурана.
Трајковски со 16 поени беше прво име во нашата селекција. Мекиќ и Вајли постигнаа по 12, а Крстевски 10.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА