Кошаркарскиот шампионат на Македонија нема да продолжи и ќе биде прогласен предвремен крај на сезоната, одлука што в понеделник ќе ја обелодени највисокото раководство на КФСМ. Денешните разговори на претседателот Антиќ со клубовите јасно ставиле до знаење дека сите се со единствен став – услови за продолжување на сезоната не постојат, пред се бидејќи не се знае кога ќе заврши кризата со ширење на коронавирусот и кога би можеле да се создадат услови за беспрекорна организација на спортски настани.
Со оглед на фактот дека се уште не е финиширана ниту Првата лига, потоа би следеле десет кола во Супер-лигата, па плејоф, не постои никаква шанса за формирање на термини за сезоната да може да заврши до месец јуни.
Во една таква ситуација, ќе биде донесена одлука за проширување на Првата лига за наредната сезона, при што лидерите на двете втори лиги би влегле во елитното друштво.
Единствената дилема засега е доделувањето на шампионската титула. Дел од земјите што ги завршија сезоните ги доделија титулите на моментните лидери, во ситуацијава тоа е МЗТ Скопје, но огромни се шансите во мак-баскетот да биде финиширан шампионатот без прогласување на првак. Таков бил ставот на поголемиот дел од клубовите, но конечниот збор сепак ќе го има раководството на чело со претседателот Перо Антиќ, кое најдоцна до понеделник ќе ја соопшти својата одлука.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

