Никола Јокиќ игра уште една импресивна сезона во дресот на Денвер нагетс, за што српскиот центар ќе биде награден со ново големо признание. Како што јавуваат американските медиуми, Јокиќ повторно ќе се закити со наградата за МВП на регуларниот дел од сезоната, трето вакво признание за српскиот ас во неговата извонредна кариера.
Откако лани за многумина неправедно остана без наградата која заврши во рацете на Џоел Ембид, Србинот сезонава доминира во гласањето за најкорисен играч во најсилната лига на светот.
Новинарот на ЕСПН, Тим Бонтемпс, ги објави неофицијалните резултати во кои се гледа огромната разлика меѓу Јокиќ и главните ривали во оваа трка. Имено, Јокиќ е првопласиран со 953 поени и дури 85 гласа за најдобар играч на лигата. Само за споредба, второпласираниот Шај Гилџус Александер има 626 поени и само десет гласа за прво место. Трет во ова рангирање е Лука Дончиќ со 493 поени (еден глас за прво место), а зад Словенецот на Далас следат Адетокумбо, Тејтум, Брансон, Едвардс, Ленард, Сабонис…
Разликата е навистина огромна и се чека само официјалната објава на Никола Јокиќ за нов МВП на НБА-лигата, со што српскиот центар ќе се приклучи на одбраното друштво заедно со Лери Брд, Меџик Џонсон и Мозес Мелоун како играчи со три вакви индивидуални признанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

