Директорот на АБА-лигата, Крешимир Новосел, денеска обелодени дека идејата за формирање на втора лига од регионалното натпреварување е пред финална реализација и најверојатно ќе биде промовирана за време на Собранието закажано за 10 јули.
Оваа идеја беше покрената откако клубовите што ја формираа АБА решија првата лига да биде од „затворен карактер“, оставајќи им можност на останатите тимови од регионот да се натпреваруваат во втората лига.
„Водиме одредени разговори, планирано е средбите од втората АБА-лига да се играат кон средина на седмиците, а Првата лига повторно да биде на програмата во викендите. Целта е да нема поклопување на термините, за и судиите да имаат време за одмор. Целта е да нема поклопување на термините ниту со националните првенства. Одредени клубови веќе ни испратија писма со намери за учество во Втората лига на АБА, па на претстојното Собрание ќе ги разрешиме сите дилеми, утврдувајќи ги критериумите врз кои ќе бидат одредувани учесниците. Не постои рок за доставување на пријави, но најверојатно по тој состанок на Собранието ќе побараме клубовите официјално да се пријават и да достават одредени гаранции“ – истакна Новосел за српските медиуми.
Се уште е неизвесно дали Македонија ќе има еден претставник како и во првата АБА-лига или нашата земја можеби ќе добие и втора екипа. Јасно е дека Карпош соколи како лански учесник во АБА ќе биде во преден план кај челниците на лигата, но не се исклучува ниту можноста мак-баскетот да добие и втор претставник во ова новогормирано регионално натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА